Градскиот часовник во Битола

За тоа како е граден Градскиот часовник во Битола, сигурно сте слушнале или прочитале. Да потсетиме, Градскиот часовник е висок 33 метри и е ѕидан од кршен камен пред околу 350 години, а во малтерот биле употребени околу 60.000 јајца собрани од битолските села.



Но дали знаете дека  првиот бројчаник на часовникот бил бел со црни броеви и стрелки, но подоцна е извршена промена на арапските со римски броеви. До  1912 година времето на Градскиот часовник во Битола се мерело според „А, ла турка“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓање на сонцето. Римските броеви се поставени во 1927 година, и верувале или не, бројот четири е обележан со четири вертикални црти IIII, наместо со правилниот римски број IV, како што е со останатите римски броеви на часовникот. Тоа го прави дополнително магичен!

Градскиот часовник може да се анализира од секоја негова страна. Од северната страна, непосредно до влезот на вратата вградена е мермерна надгробна ара на која според направената ревизија и датирање на натписот извршени од д-р Наде Проева, станува збор за надгробен епитаф подигнат за синот Никомах во II-III век, од родителите, чии имиња исто така биле напишани, но се оштетени. Натписот е значаен како единствен во како што се наведува Горна Македонија, во кој што за покојникот се вели дека е сличен на Бога.



Мермерната ара и рељефниот симбол на еден камен на југо-источниот раб на кулата се недоволно познати за меѓународната јавност. За сликата на рељефниот камен што се наоѓа на тринаесеттиот ред од второто ниво на кулата, има две легенди. Првата, дека станува збор за гулаб со маслиново гранче и змија, од која произлегува пораката дека луѓето треба да бидат мудри како змии, и незлобни како гулаби. Втората легенда поврзана со тогашните градители е дека врз каменот поставиле борба меѓу орел и змија. Орелот како „крал на небото“, симбол на сила и бесмртност, а во раното христијанство посочуван и како симбол на надеж поврзуван со Исус Христос, а змијата како симбол на уништување, но и на исцелување и преродба. И двете легенди предизвикуваат интерес кај посетителите.


Градскиот часовник или Саат кулата во Битола е прогласена за културно наследство од особено значење. Саатниот механизам го одржува Општина Битола.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Врвот Пелистер - стар 465 милиони години

На 30 ноември 1948 година со Закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија, дел од планината Баба што се наоѓа меѓу долините на Пелагонија и Преспа, прогласен е за Национален парк.


Овој македонски репрезент е именуван според највисокиот врв во паркот, Пелистер со 2.601 метри надморска височина, стар 465 милиони години.

Националниот парк „Пелистер“ географски се простира меѓу 41°4'15.96" и 40°52'27.85" северна географска ширина и 21°3'15.29" и 21°16'9.41" источна географска должина. Во паркот освен врвот Пелистер, поистакнати се врвовите Димев Врв со 2.600 метри именуван во чест на првиот Македонец кој го освои Монт Евресе, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, потоа врвот Стив со 2.468 метри, Ветерница со 2.420 метри, Муза со 2.351 метар и други.

Релјефот во опфатот на НП „Пелистер“ е создаван од средината на миоцен до денес, период во кој диференцираните тектонски движења биле доста активни и притоа од крајот на миоцен и почетокот на плиоцен се формирало некогашното Пелагонско Езеро, а подоцна и Преспанско Езеро. Старите езерски тераси не се доволно зачувани, а Пелагонско Езеро исчезнало, но и ден денес постојат планински реки кои се со надолжни падови што резултира со појава на брзаци, водопади и помали слапови.



Постојат две легенди поврзани со името Пелистер. Во одредени тврдења се посочува дека името Пелистер потекнува од грчкиот збор „peristeri“ што во превод значи гулаб. Ако белосивиот камењар на планината Баба се гледа од далечина, тој навистина наликува на гулаб. Според друга легенда, името Пелистер се поврзува со пет-игличестиот бор, а зборот петлистер е изведен од пет иглички и пет листа, па од таму низ зборот петлистер се доаѓа до името Пелистер. Петиглестиот бор, односно Молика прв го открил германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах (1814-1879) за време на неговиот престој од 29 јуни до 21 јули 1839 година во нашата земја. Неговото откритие на пелистерскиот бор – молика, објавено на 2 јули 1839 година е суштинско за добивањето на статусот Национален Парк низ кој може да се забележат стебла постари од 230 години.

На планината Баба има голем број археолошки локалитети кои претставуваат вистинско богатство и важна дестинација за културниот туризам. За жал, јавноста недоволно е запозната со археолошките локалитети „Стари Лозја“ и „Магарешко Мовче“ во село Братиндол од Римско време, „Суви Ливади“ кај село Ѓавато од доцна антика, или тврдината „Кале“ кај селото Трново од Железно време и доцна антика.




Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Градскиот парк во Битола – од мочуриште до современ парк

Малкумина знаат дека избраната површина на Градскиот парк во Битола за прв пат е обликувана на почетокот од 19 век, во 1901 година, во времето на валијата Абдул Керим-паша кога со негова наредба е изграден градскиот парк. Местото на сегашниот парк некогаш било мочуриште, неугледен дел на влезот во градот, а исклучително фрекфентен затоа што како тогаш, и сега, во непосредна близина е Железничката станица, а сега и Автобуската станица.




Со наредба на Абдул Керим-паша, паркот бил именуван како Нузхетије или Единство, и тука отседнувале или се собирале офицерите на турската армија. Градскиот парк во 19 век имал правилен, урбан лик, чист и уреден, со клупи, фонтана и фенери, а често се користел и за прослави. Токму во Градскиот парк во Битола била прославена одлуката за новиот Устав донесен за време на Младотурската револуција. Веднаш потоа паркот бил преименуван во „Парк на слободата“.

Во Градскиот парк за време на Првата и особено за време на Втората светска војна при бомбардирањето на Битола „завршија“ или паднале бројни гранати, затоа што токму тука се наоѓале најважните стратегиски објекти, односно Црвената и Белата Касарна, а до не така одамна, беше и касарната на последните армиски единици чии остатоци се видливи и ден денес.

На северната страна од паркот е познатата „Соколана“, изградена во 1932 година, според некои податоци, првиот спортски објект во Битола. Карактеристично за овој објект е што тука најзастапени биле гимнастичките спортови, но не заостанувале и боксерски натпреаври. Во „Соколаната“ во минатиот век снимени се и делови од македонскиот сериски филм „Наши години“.




Градскиот парк со своите бујни крошни, борови, багремови дрвја и липи успешно го прочистил минатото, и е локација за секоја генерација, која успешно го користи изборот на содржините. Очекувано, најголемата посетеност е во Детскиот парк, каде најмладите битолчани уживаат на креативните детски реквизити, тобогани, лулашки, играчки за вештини..

Во Градскиот парк е оформена Алеја на добитниците на наградата за животно дело „4-ти Ноември“ која Општина Битола ја доделува на истакнати битолчани, а традиционално и со почит се одржува и Алејата на борците од народноослободителната војна и револуцијата.





Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

ТАЈНИТЕ НА ТУМБЕ КАФЕ...

Тумбе Кафе е распослано на јужната страна од градот. Мал рид, тумбе, на надморска височина од 744 метри. Најдобрата локација за панорамски поглед на градот, урбано е уредена во времето на валијата Абдул Керим Паша, во периодот меѓу 1895-1901 година кога тој во Битола изградил повеќе стратешки објекти.




Тумбе Кафе од секогаш била посакувана територија, посебно за одмор, кафе и собир на истакнати личности од градот и затоа јавните власти низ историјата често го менувале името на ритчето. Во 1918 година за време на Кралството СХС, тогашните власти го именуваат како „Александрово Брдо“ (според тогашниот крал Александар Караѓорѓевиќ), додека во поранешна СФРЈ, Тумбе Кафе беше наречено „Титово Брдо“ (според тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито).

На Тумбе Кафе сеуште има остатоци од кафеана, но и остатоци од поранешната армиска територија за што сведочат стражарски објекти, ровови и подземни тунели. Повозрасните сеуште го паметат и големиот воен радар, чија задача беше да ги следи прелетите на авиони и други движења во пограничната зона.




Западната страна на Тумбе Кафе е посебно впечатлива затоа што таму се наоѓа историската тврдина Џепане, некогашен магацин за муниција. Џепането е изградено од познатите смилевски мајстори во 1876 година и е во облик на крст.

Тајните на Тумбе Кафе ги чуваат и американските млазни авиони-ловци, приземјени на висорамнина. Двата авиони F-86 Sabre, се од американско потекло, произведени се меѓу 1947-1949 година. Карактеристично за млазните авиони ловци на Тумбе Кафе е што имаат едно седиште и еден мотор.



Сите локации на Тумбе Кафе од неодамна се лесно достапни благодарение на изградената рекреативна патека до Смолево која сега ги поврзува историските места, но и посетителите од сите генерации на овој дел од градот.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Керамички светилки од IV век п.н.е во Хераклеја Линкестис

Откривањето на вечните тајни на Хераклеја Линкестис е невозможна мисија, но за сегменти од животот на градот, до градот Битола, секогаш има поводи за промоција на историското наследство. Таков е случајот со керамичките светилки или ламби од Хераклеја.

Најстарата зачувана керамичка светилка датира од IV-III в.п.н.е и е со стандардни димензии, односно должина 10,5 см. и висина 3,5 см. Примероците од керамички светилки освен што го потврдуваат потеклото, времето и нивната застапеност, воедно го потврдуваат и мислењето дека во Хераклеја постоеле работилници за производство на керамика и керамички светилки. Хераклеја била центар за керамичко производство, а пронајдените калапи за изработка на светилки, со сочуван дел од натпис пронајден во просторот на Големата базилика, се аргумент повеќе за тоа мислење.



Во т.н. Сектор Југ на Хераклеја е пронајдена и зачувана ламба од III-II в.п.н.е чија должина е 10,8 см., широчина 9 см., висина 5,8 см. Светилката има рачки од страните. Устинката е откршена. Отворот за масло е кружен со едно кружно истакнато ребро околу него. Локалното население за осветлување користело и восок, но и лој забележале битолските археолози Аница Ѓорѓиевска и Енгин Насух. Според нив, во римскиот период во Хераклеја доминираат бројни керамички светилки, монети, керамички садови за кои се смета дека се од локални работилници, а и парчиња од увоз. Префинетоста на хераклејскиот граѓанин се гледа и по бројноста на фините стаклени садови со кои локалитетот изобилувал.

Хронолошки анализирано, светилките од Хераклеја од II-I век п.н.е, се од типовите на т.н. „ефески“ и „книдски“ лампи, а се забележуваат и многубројни локални имитации на овие или други типови светилки, но исклучиво од регионот на Егеја, поточно од Источен Медитеран. Ваквиот репертоар светилки останува претежно, до времето на Август, а веќе во I век од новата ера со појавата на италските типови, се јавува и импорт, увоз и имитација на тие типови. Подоцна, кај светилките, како и останатата керамика од I век во н.е. се јавуваат примероци увезени од Италија или работени како имитација на италијанските производи од страна на локални работилници.




Во V и VI век од н.е. во Хераклеја се чувствува силен пробив на африканските светилки (александриски, киренаички и други), како и малоазиски или рановизантиски светилки од V в.н.е. Најголем број од пронајдените и зачувани керамички светилки од Хераклеја се од локацијата кај Епископската резиденција која се наоѓа западно од Големата базилика, од север омеѓена со северната улица, а од југ со градскиот бедем. Откриениот дел содржи 15 одаи распоредени околу средишен двор. Дворот кој во средината има бунар, претставува централна просторија. На истата локација, јужно од епискоската резиденција и од истиот период IV-V век, пронајдена и зачувана е светилка со димензии должина 13,3 см., висина 5,8 см. Светилката во средината на дискот има орнамент во форма на крст изведен пластичночии краци.



Керамичките светилки од Хераклеја во музејската збирка на НУ Завод и Музеј-Битола се само една од занимливостите, атракциите и предизвиците со кои се соочуваат научници, истражувачи, туристи и други посетители во секој период од годината.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Започна да се реализира проектот „Сторија за битолска историја – нешто ново, за нешто старо!“

Започна да се реализира проектот „Сторија за битолска историја – нешто ново, за нешто старо!“ финансиран од општина Битола. 

Станува збор за проект во кој на младите од Битола ќе им бидат ставени на располагање информации за историјата на градот со цел да се постигне реафирмирање на култни места во Битола. Проектот има за цел да допре длабоко во минатото и да овозможи поглед во иднината, да иницира нови иницијативи и инвестиции за туристичка (економски развој), образовна и културна промоција на градот. 



Проектот е во функција на младите и да им овозможи пополнување на едукативна празнина која не се овозможува преку редовниот образовен процес. Преку споделување на откриени податоци за знаменитости на градот, трајни паметници за една култура, корени и факти кои не треба да се потиснат од товарот на нашето секојдневие во рамките на проектот ќе се опфатат следните локации: Градски парк, Тумбе кафе, Хераклеја, Пелистер, Градски часовник.

Проектот „Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии“ финално затворен, со надеж за надградба и проширување во иднина

Центарот за локални иницијативи официјално го затвори проектот „Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии“, кој беше финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија.Проектот, кој започна во јуни оваа година, има за цел да ја подигне свеста за социјалното претприемништво кај младите и да го истражи нивното учество и можности во креативните индустрии.
Со финализацијата на проектот, организаторите изразија надеж дека ова не е крајот на иницијативата, туку почеток на нова фаза која ќе го прошири проектот со поголем опфат и акција. Резултатите од проектот, кои вклучуваат истражување и препораки за подобрување на образовните програми за младите претприемачи, ќе послужат како темел за понатамошен развој.
Организаторите изразија голема благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија за нивната поддршка, која беше од клучно значење за успешното спроведување на проектот. Благодарение на оваа поддршка, проектот успеа да ги постигне своите цели и да го поттикне интересот кај младите за социјалното претприемништво и креативните индустрии.
„Горди сме на постигнатото, но веруваме дека ова е само првиот чекор. Нашата цел е да продолжиме со надградба на оваа иницијатива, со нови активности и поголема вклученост на младите во социјалното претприемништво и креативните индустрии,“ изјавија од Центарот за локални иницијативи.



Со надеж за понатамошен развој, тимот зад проектот очекува дека во иднина ќе има можност да го прошири опфатот на проектот, да вклучи повеќе училишта, заедници и индустрии, и да создаде поголемо влијание на локално и национално ниво. Доколку се обезбеди дополнителна поддршка, следната фаза од проектот ќе се фокусира на имплементација на препораките од истражувањето, развој на конкретни претприемнички програми и вклучување на повеќе партнери од бизнис и културниот сектор.
Проектот покажа дека младите имаат потенцијал да бидат двигатели на позитивни промени преку социјално претприемништво, но и дека е потребна дополнителна поддршка и образование за да се реализираат овие можности. Центарот за локални иницијативи се надева дека ќе продолжи да ја игра клучната улога во поддршката и поттикнувањето на младите претприемачи во Северна Македонија.



Објавено истражувањето од проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии"

 Центарот за локални иницијативи официјално го објави истражувањето од проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии", кое е поддржано од Министерството за култура на Северна Македонија. Овој проект, кој започна во јуни годинава, има за цел да ја оцени свеста, интересот и познавањето на социјалното претприемништво и креативните индустрии меѓу младите во земјата.

Истражувањето беше спроведено меѓу средношколците во Битола и резултатите покажуваат дека младите имаат значителен интерес за креативни проекти кои се фокусираат на општествено добро. Извештајот од истражувањето открива дека иако учениците имаат основни познавања за социјалното претприемништво, постои потреба од дополнително образование и активности кои ќе им овозможат да ги развијат своите вештини и идеи во оваа област.

Извештајот, кој е јавно достапен на следниот ЛИНК, содржи детална анализа на ставовите на младите за креативните индустрии, нивните претприемнички идеи и препораки за подобрување на образовните програми кои ги опфаќаат овие теми. Преку оваа анализа, Центарот за локални иницијативи се стреми да поттикне дискусија меѓу релевантните стејкхолдери за тоа како најдобро да се поддржат младите претприемачи и да се подобри нивната свест за можностите кои ги нудат креативните индустрии.




„Ова истражување е клучен чекор кон разбирање на потребите на младите во Северна Македонија и нивниот потенцијал за учество во социјално претприемништво. Веруваме дека резултатите ќе послужат како основа за креирање на нови иницијативи и програми кои ќе ги инспирираат и поддржат младите да ги претворат своите идеи во реалност,“ изјавија од Центарот за локални иницијативи.

Објавувањето на извештајот означува важен чекор кон создавање на поволна средина за развој на младите социјални претприемачи во Северна Македонија, особено во контекст на креативните индустрии. Резултатите и препораките од истражувањето ќе бидат од клучно значење за понатамошниот развој на образовните програми и политики насочени кон поддршка на младите креативци и претприемачи.

Промоција на резултатите од истражувањето на проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии"

Кон крајот на септември, Центарот за локални иницијативи ја промовираше завршената анализа и извештајот од истражувањето на проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии". Проектот, кој беше финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија, е насочен кон подигнување на свеста за социјалното претприемништво и неговата улога во креативните индустрии, особено меѓу младите.

На промоцијата, која се одржа пред релевантните стејкхолдери, беа претставени клучните наоди од истражувањето кое ги опфати ставовите и знаењата на средношколците во Битола за социјалното претприемништво и креативните индустрии.

Главните заклучоци од истражувањето покажуваат дека младите луѓе имаат основно познавање за социјалното претприемништво и се заинтересирани за развој на креативни проекти кои имаат социјален импакт. Ова истражување исто така укажа на потребата за поголема поддршка во образовниот систем за развој на креативните индустрии и за поттикнување на младите да размислуваат претприемачки и иновативно.





„Ова истражување претставува важен чекор кон разбирање на потребите и потенцијалите на младите во Северна Македонија, особено во рамките на креативните индустрии. Преку него добивме значајни увиди кои ќе ни помогнат да создадеме програми кои ќе ги поддржат младите во развивањето на нивните претприемнички и креативни вештини,“ изјавија од Центарот за локални иницијативи.

Извештајот и препораките од ова истражување ќе бидат искористени за понатамошни проекти и иницијативи насочени кон поддршка на младите социјални претприемачи, како и за креирање на политики кои ќе ја зголемат важноста на креативните индустрии во образованието и економијата на земјата.

„Битолското културно наследство: Каталог и видео кои ја оживуваат историјата на мебелот од минатото“

Проектот „Културното наследство како колективна одговорност – БИТОЛСКАТА КУЌА ВО МИНАТОТО“ успешно се имплементира, овозможувајќи ни да зачуваме и дигитално овековечиме дел од богатото културно наследство на Битола. 



Како дел од овој проект, изработен е каталог со внимателно избрани автентични парчиња мебел од почетокот до средината на 20 век, кои ги претставуваат стилот, занаетчиските вештини и културната историја на градот. 

Дополнително, создадено е видео кое ги прикажува овие уникатни предмети во нивната оригинална естетика, овозможувајќи широка јавност да се запознае со богатството на битолската традиција и да се освести за значењето на културното наследство како колективна одговорност.




Започна анализата и креирањето на извештај од истражувањето за младите и социјалното претприемништво во креативните индустрии

Во периодот од август и дел од септември, проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии", кој е финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија, влезе во својата завршна фаза на анализа и креирање на извештај од спроведеното истражување. Овој проект, започнат од Центарот за локални иницијативи, има за цел да го испита нивото на свест и познавање на социјалното претприемништво меѓу младата генерација, како и нивната перцепција за улогата на креативните индустрии.

По успешно спроведеното истражување меѓу средношколците, се премина кон анализа на добиените податоци. Анализата вклучува детална проценка на резултатите од анкетите и интервјуата со младите, што ќе помогне да се добие подлабоко разбирање за тоа колку учениците се запознаени со овие концепти и како можат да ги применат своите креативни способности за општествено добро.

Експертскиот тим кој работи на овој проект има за цел да ги идентификува клучните трендови и предизвици со кои се соочуваат младите во Северна Македонија, особено во контекст на нивниот интерес и подготвеност да се вклучат во социјално претприемништво преку креативни индустрии. Овие наоди ќе послужат како основа за креирање на препораки за образовните институции и политики кои ќе го поддржат развојот на младите во овие области.


Извештајот, кој се очекува да биде завршен во текот на септември, ќе содржи детална анализа на добиените резултати, препораки за подобрување на образовните програми, како и предлози за понатамошни иницијативи кои ќе ги поттикнат младите да размислуваат креативно и да се вклучат во решавање на општествени проблеми преку социјално претприемништво.

„Оваа анализа е од клучно значење за нас, бидејќи ни овозможува да разбереме како младите ја перципираат својата улога во креативните индустрии и социјалното претприемништво. Веруваме дека извештајот ќе понуди јасен патоказ за развој на образовни и културни политики кои ќе ги поддржат младите во нивниот личен и професионален раст,“ истакнуваат од Центарот за локални иницијативи.

Резултатите и извештајот од анализата ќе бидат јавно достапни и ќе претставуваат основа за креирање на нови програми и активности насочени кон поддршка на младите социјални претприемачи и развој на креативните индустрии во земјата.

Проект: Културното наследство како колективна одговорност „БИТОЛСКАТА КУЌА ВО МИНАТОТО“

Културното наследство претставува инструмент на културниот идентитет.

Проектот Културното наследство како колективна одговорност „БИТОЛСКАТА КУЌА ВО МИНАТОТО“ кој има за цел да ја зачува и дигитално да ја овековечи уникатната традиција на битолскиот мебел во периодот од почетокот до средината на 20 век. 

Овој проект ќе биде првиот од ваков вид, посветен на презентација на дел од мебелот кој ги одразува стилот, занаетчиските вештини и културната историја на Битола во тој периодот.

Влијание врз дизајнот на мебелот од тој период имале ориенталната и европската естетика.

Мебелот се карактеризирал со елегантна изработка и се посветувало многу внимание на деталите. Се користеле квалитетни дрва, како орев, даб и бука, а типични парчиња вклучувале големи дрвени креденци, работни маси, шкафови и столови. 

Овие предмети имале и практична и декоративна улога. Во дневните соби можело да се најдат ниски масички, софи и фотелји обложени со ткаенина во топли и природни тонови. Во трпезариите, масивните дрвени маси биле централно поставени, опкружени со столови со украсени наслони. Многу често, мебелот бил изработен рачно од занаетчии и носел индивидуален печат, што сведочи за богатството и уникатноста на битолскиот стил од тој период.





Со реализацијата на овој проект:
  • Ќе се документира и зачува уникатното културно наследство преку дигитализација на автентични парчиња мебел од битолските куќи.
  • Ќе се претстават стилските особености на мебелот од тој период, кој комбинира ориентални и европски влијанија.
  • Ќе се обезбеди пристап до овој значаен дел од историјата на Битола за идните генерации и да се овозможи културно запознавање на широката јавност.

Истражување меѓу средношколците во Битола: Проценка на нивото на познавање за социјално претприемништво и креативни индустрии

Во јули оваа година, продолжи проектот кон креирање и спроведување на истражување кое опфати средношколци од Битола, со цел да се процени нивото на познавање за социјалното претприемништво и креативните индустрии. Истражувањето, кое се реализира во рамки на проект поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија, има за цел да ги испита свесноста, интересот и ставовите на младите за овие важни области.

Социјалното претприемништво, како иновативен пристап за решавање на општествени проблеми, и креативните индустрии, кои имаат значајна улога во културниот и економскиот развој, се фокусот на истражувањето. Преку анкетите, беа собрани податоци за тоа колку средношколците се запознаени со овие концепти, како ги перципираат и дали се заинтересирани за учество во програми кои ги опфаќаат овие теми.

Прелиминарните резултати од истражувањето покажуваат дека голем дел од младите во Битола имаат основно познавање за социјалното претприемништво и креативните индустрии, но исто така постои значителен интерес за подлабоко запознавање со овие теми. Поголемиот дел од учениците сметаат дека е важно да се воведат часови и активности кои ќе ги опфатат овие области, со цел да се развијат нови вештини кои ќе бидат корисни во иднина.


Проектот продолжува со анализа на собраните податоци и подготвување на препораки за образовните институции во Битола и пошироко, со цел да се подобри нивото на образование во овие важни сектори. Резултатите од истражувањето ќе помогнат во креирање на програми кои ќе ги поддржат младите да развијат претприемнички дух и креативни вештини кои ќе им помогнат не само во нивниот личен и професионален развој, туку и во придонесот кон општествено добро.

Оваа иницијатива претставува важен чекор кон модернизација на образовниот процес и создавање на нова генерација на млади лидери кои ќе бидат подготвени за предизвиците на иднината.




Проект "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии“

Центарот за локални иницијативи од јуни оваа година започна со имплементација на амбициозниот проект "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии", кој е финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија. Овој проект има за цел не само да ги инспирира младите луѓе, туку и да ги поттикне да размислуваат подлабоко за можностите кои ги нуди социјалното претприемништво во рамки на креативните индустрии.

Главната цел на проектот е да се испита и оцени нивото на свесност и разбирање за социјалното претприемништво меѓу младата генерација, особено во полето на креативните индустрии. Преку истражување и анализирање на мислењата на средношколците, проектот ќе добие увид во тоа колку младите се запознаени со овој концепт и како можат да ги применат своите креативни способности за социјално добро.

Проектот ги вклучува и активностите кои ќе им помогнат на учениците да го разберат значењето на социјалното претприемништво како остварлива патека за личен и професионален развој. Планираните активности ќе им овозможат на младите да размислуваат подлабоко за тоа како нивните креативни вештини можат да се искористат за решавање на социјални проблеми, но и за развој на одржливи деловни практики кои придонесуваат за заедницата.

Во рамките на овој проект, ќе биде спроведено истражување кое ќе го опфати мислењето и перцепцијата на средношколците за улогата на креативните индустрии во развојот на општеството. Преку директно вклучување на младите во истражувањето, ќе се добие подлабоко разбирање за нивните ставови и идеи, што ќе помогне во дизајнирање на програми и иницијативи кои ќе ги поттикнат да се вклучат во социјалното претприемништво.

„Проектот има за цел да ги поттикне младите да размислуваат креативно и иновативно, да разберат како нивната креативност може да биде алатка за позитивна промена во општеството, и како можат да го искористат социјалното претприемништво за да создадат одржливи решенија за предизвиците со кои се соочува заедницата,“ изјавија од Центарот за Локални Иницијативи.




Презентација - настан - ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење

Во рамките на проектот „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“ на 16ти Октомври, 2023 се одржа настан за презентација на резулатите од истиот и активностите кои беа реализирани. Конкретната цел на проектот „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“ е да ги обедини искуствата и капацитет на организациите учеснички за развој и дистрибуција на веб-базиран портал за образовни дигитални содржини, ориентирани кон до-обука и стекнување знаења и вештини надвор од наставните програми од областа на земјоделски професии.

На настанот се дискутираше за следново:

•Анализа на моделите и практиките на стручно оспособување на учениците и студентите во земјоделството по специјалности од областите: агроекологија и заштита на животната средина и дигитализација во земјоделството.

•Дигитален портал -  Брз пристап до нови знаења“ - презентација на Порталот кој беше изработен во рамкиите на проектот и демонстрација на неговите можности.

•Презентација на предметите и лекциите воведени во Порталот и нивните цели

•Подигнување на свеста за заштита на животната средина и предизвиците на климатските промени, како и влијанието на брзиот раст на дигиталните технологии во сите области од животот.

На настанот се истакна важноста за подигнување на свесноста на учениците и студентите на земојделските науки за одржливоста на животната средина и развојот на дигитализацијата во земјоделството.






Поттикнување на претприемачкиот дух кај младите преку изучување на стари занаети

Во Битола, во периодот од 19-ти до 23-ти Јуни во организација на здружението на граѓани Центар за локални иницијативи – Битола а финансирано од Министерство за култура на Република Северна Македонија се реализираше Летна школа посветена на изучување на три стари занаети. Целта на летната школа беше реафирмација на старите занаети и нивно промовирање како креативни индустрии за млади луѓе. Креациите изработени во текот на школата беа инспирирани од богатото културно наследство. На ваков начин се постигна афирмација на културата и традицијата преку изучување на занаети прикажани пред учесниците како креативни иновативни бизнис за млади.


Практичната работа и соработка со искусни ментори, на учесниците им овозможи запознавање со техниките и методите на изработка на везови, филигран и накит, при тоа поттикнувајќи ја нивната креативност и уметнички талент. Водени од успешните приказни на трите менторки - претприемачки, учесниците во текот на школата на занаетите кои ги изучуваа погледнаа од поинакви перспективни: и како на можност за креативно изразување, но и како на можност за заработка - развој на сопствен бизнис.

Новостекнатите знаења и вештини, како и стекната самодоверба, беа основа за поттик на учесниците да размислуваат во правец на набљудување на конкретниот занает како потенцијална можност за успешен бизнис. Така Ангела, една од ученичките на школата која изработи брош во вид на сонцето од македонската традиција, воодушевена од својата креација изјави: „никогаш не сум верувала дека сама за толку кратко време можам да создадам нешто толку убаво и модерно, а сепак толку поврзано со нашата традиција. За почеток креирањето на накит може да ми биде хоби, да видам дали моите другарки ќе ги прифатат моите производи. Доколку има интерес, а јас сум среќна со тоа, можно е да си отворам мој бизнис. Има толку многу интересни артефакти во нашето културно богатство што незнам од каде напрво да почнам. Имам идеи како тоа да го спојам со мојата имагинација да биде уникатно и атрактивно парче накит кое секоја млада девојка ќе сака да го има во својата колекција.“

Во Битола започна летна школа за креативни иновативни занаети за млади

Во духот на реафирмација на старите занаети и нивно промовирање како креативни индустрии за млади луѓе, во Битола започна Летна школа посветена на изучување на три стари занаети. Школата се одржува на три локации: модно студио Ле Бранд, атеље Израз и атеље Креација.

Во рамките на школата се реализираат паралелни работилници во кои реномирани ментори-занаетчии низ практична работа ќе ги воведат учесниците во техниките на изработка на везови, филигран и накит со користење на мотиви од фолклорот и културата при тоа вклучувајќи ја креативноста на младите учесници и нивниот уметнички израз.

Целта на школата е доближување на старите занаети до младите луѓе со приказ како можност за креативно изразување и иден бизнис.

Организатор на летната школа е Центарот за локални иницијативи – Битола во рамките на проектот “Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади“, финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.







Повик за учесници во Летна школа во рамките на проектот “Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади“

Центарот за локални иницијативи Битола објавува Повик за учество во Летна школа во рамките на проектот “Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади“ финансиран од Министерство за култура на РСМ.

Основната цел на проектот е да се покаже дека старите занаети може да бидат нови успешни бизниси во рацете на младите луѓе кои со својата креативност ќе направат поврзување на фрагменти од богатото културно наследство (историја, литература и култура) преку нивно вградување во нови производи наменети за пазарот.




Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади

Центарот за локални иницијативи Битола од почетокот на Мај, започнува со имплементација на проектот: "Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади" (#КИЗ4М#) финансиран од Министерството за култура на РСМ.


Основната цел на проектот е да се покаже дека старите занаети може да бидат нови успешни бизниси во рацете на младите луѓе кои со својата креативност ќе направат поврзување на фрагменти од богатото културно наследство (историја, литература и култура) преку нивно вградување во нови производи наменети за пазарот.


Поединечни цели на проектот се следниве:

  • Реафирмирање на старите занаети преку анимирање на млади креативни луѓе кои на занаетите ќе гледаат како можност за креативно изразување и свој иден бизнис;
  • Зачувување на културното наследство преку спојување на уметноста и фрагменти од традиционалните мотиви со модерните текови и потреби;
  • Продолжување и афирмирање на традицијата преку претворање на старите занаети во нови профитабилни бизниси водени од млади креативни луѓе;
  • Промовирање на старите занаети и културното наследство со употреба на новите ИТ технологии;
  • Создавање на комуна во рамките на летна школа;
  • Интеркултурна размена, дијалог и толеранција меѓу различни етноси, полова различност и лица со попреченост.



Зајакнување на улогата на жената во општеството – родова еднаквост

Центарот за локални иницијативи Битола од 1ви Мај започнува со реализација на проектот: Зајакнување на улогата на жената во општеството – родова еднаквост, финансиран од Општина Битола.

Со реализацијата на овој проект се очекува подигнување на нивото на информираност и едуцираност на женската популација во општина Битола на возраст од 15-55 години за можноста и потребата од вклучување во креирањето на јавните политики, за женското здравје и семејното насилство.

Како резултат на ваквата едукација, дебата, разговори и размена на искуства со еден збор – анимирање на женската популација на конкретните теми, се очекува дека ќе се постигне мотивирање и активирање на жените во сите три области со што ќе се постигне:

(1) препознавање на општина Битола како заедница која се грижи за родовата еднаквост;
(2) поголемо вклучување на жените во политиката и пред се креирањето на јавните политики;
(3) намалување на заболувања во областа на женското здравје евидентно преку статистички податоци во иднина;
(4) зголемен број на редовни здравствени прегледи и консултација со гинеколог;
(5) зголемен број на мамографии;
(6) зголеми самодовербата кај жената дека општеството води грижа за неа;
(7) зголемен број на пријавувања на семејно насилство што би влијаело на машката популација како застрашување па оние кои тоа го прават би се воздржувале од истото.




Работилници - проект „Од млади за млади"


Во рамките на проектот „Од млади за млади“ – Европска година на младите кој се имплементираше во текот на 2022 година беа резлизирани неколку работилници.

Цел на проектот: Едукација на младите и јакнење на младешката самодоверба со цел директно влијание во заедницата во функција на позелен град, дигитализација во пракса и креативни јавни политики.



Состанок за официјален почеток на проектот ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење

Центарот за локални иницијативи е партнер во Еразмус+ проектот: „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“. Во рамките на проектот се одржа kick-off meeting на кој партнерските организации ги дискутираа целите, активностите и временската рамка на проектот. Овој состанок се одржа во Бугарија и истиот беше многу значаен за квалитетна реализација на проектот.

Конкретната цел на проектот „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“ е да ги обедини искуствата и капацитет на организациите учеснички за развој и дистрибуција на веб-базиран портал за образовни дигитални содржина, ориентирана кон до-обука и стекнување знаења и вештини надвор од наставните програми од областа на земјоделски професии.

Апликант и носител на проектот е PGSS "Marko Markov" од Бугарија и партнер EXPERIMENTACULO ASSOCIACAO CULTURAL од Португалија.



ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење

Центарот за локални иницијативи е партнер во Еразмус+ проектот: „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“ кој започна во Септември 2022 година.

Конкретната цел на проектот „ДИГИТАЛЕН ПОРТАЛ - Брз пристап до ново знаење“ е да ги обедини искуствата и капацитет на организациите учеснички за развој и дистрибуција на веб-базиран портал за образовни дигитални содржина, ориентирана кон до-обука и стекнување знаења и вештини надвор од наставните програми од областа на земјоделски професии.

Со реализација на поставените проектни активности се очекува да се постигнат следниве цели:

  • Изработка на детална анализа на потребните знаења и вештини надвор од наставната програма од областа на дигиталните вештини и зачувување на природата;
  • Поддршка на интернационлано споделување на едукативни содржини, ориентирани кон спроведување на дигитална и еколошка обука во професионално ориентирани области;
  • Креирање на интернет-портал, кој покрај тоа што ќе биде средство за стекнување нови знаења, вештини и компетенции, исто така ќе им даде на корисниците нова перспектива за главните теми „заштита на животната средина“ и „дигитални вештини“;
  • Зголемување на капацитетот на организациите учеснички во стручната обука.

Апликант и носител на проектот е PGSS "Marko Markov" од Бугарија и партнер EXPERIMENTACULO ASSOCIACAO CULTURAL од Португалија.

ИЗВЕШТАЈ за состојбата на средношколците во поглед на информираноста за е-услугите проект: #Средношколец - е-Ученик, иден Дигителен граѓанин финансиран од Општина Битола

 

Во рамките на проектот #Средношколец - е-Ученик, иден Дигителен граѓанин, финансиран од Општина Битола, според предвидените активности се креира и реализира он-лајн анкета.


Целта на анкетата беше се да добијат сознанија дали младите луѓе знаат и ги користат он-лајн услугите на државно и локално ниво, за информираноста на младите луѓе за постоењето на ваквите услуги, како и подигнување на свеста кај младите луѓе за постоењето и можноста за користење на истите.

Во реализацијата на анкетата учествуваа 165 средношколци од сите општински средни училишта.


На следниот линк можете да го прочитате целосниот извештај.

#Средношколец - е-Ученик, иден Дигителен граѓанин

 


    #Средношколец - е-Ученик, иден Дигителен граѓанин, финансиран од Општина Битола во рамките на соработка помеѓу општина Битола и Центарот за локални иницијативи – Битола