Откривањето на вечните тајни на Хераклеја Линкестис е
невозможна мисија, но за сегменти од животот на градот, до градот Битола,
секогаш има поводи за промоција на историското наследство. Таков е случајот со
керамичките светилки или ламби од Хераклеја.
Најстарата зачувана керамичка светилка датира од IV-III в.п.н.е и е со стандардни
димензии, односно должина 10,5 см. и висина 3,5 см. Примероците од керамички светилки
освен што го потврдуваат потеклото, времето и нивната застапеност, воедно го потврдуваат
и мислењето дека во Хераклеја постоеле работилници за производство на керамика и
керамички светилки. Хераклеја била центар за керамичко производство, а
пронајдените калапи за изработка на светилки, со сочуван дел од натпис пронајден
во просторот на Големата базилика, се аргумент повеќе за тоа мислење.
Во т.н. Сектор Југ на Хераклеја е пронајдена и
зачувана ламба од III-II в.п.н.е чија должина е 10,8 см., широчина 9 см., висина 5,8
см. Светилката има рачки од страните. Устинката е откршена. Отворот за масло е
кружен со едно кружно истакнато ребро околу него. Локалното население за
осветлување користело и восок, но и лој забележале битолските археолози Аница
Ѓорѓиевска и Енгин Насух. Според нив, во
римскиот период во Хераклеја доминираат бројни керамички светилки, монети,
керамички садови за кои се смета дека се од локални работилници, а и парчиња од
увоз. Префинетоста на хераклејскиот граѓанин се гледа и по бројноста на фините
стаклени садови со кои локалитетот изобилувал.
Хронолошки анализирано, светилките од Хераклеја од II-I век п.н.е, се од типовите на
т.н. „ефески“ и „книдски“ лампи, а се забележуваат и многубројни локални
имитации на овие или други типови светилки, но исклучиво од регионот на Егеја,
поточно од Источен Медитеран. Ваквиот репертоар светилки останува претежно, до
времето на Август, а веќе во I век од новата ера со појавата на италските типови, се јавува
и импорт, увоз и имитација на тие типови. Подоцна, кај светилките, како и
останатата керамика од I век во н.е. се јавуваат примероци увезени од Италија или
работени како имитација на италијанските производи од страна на локални
работилници.
Во V и VI век од н.е. во Хераклеја се чувствува силен пробив на африканските светилки (александриски, киренаички и други), како и малоазиски или рановизантиски светилки од V в.н.е. Најголем број од пронајдените и зачувани керамички светилки од Хераклеја се од локацијата кај Епископската резиденција која се наоѓа западно од Големата базилика, од север омеѓена со северната улица, а од југ со градскиот бедем. Откриениот дел содржи 15 одаи распоредени околу средишен двор. Дворот кој во средината има бунар, претставува централна просторија. На истата локација, јужно од епискоската резиденција и од истиот период IV-V век, пронајдена и зачувана е светилка со димензии должина 13,3 см., висина 5,8 см. Светилката во средината на дискот има орнамент во форма на крст изведен пластичночии краци.
Керамичките светилки од Хераклеја во музејската збирка на НУ Завод и Музеј-Битола се само една од занимливостите, атракциите и предизвиците со кои се соочуваат научници, истражувачи, туристи и други посетители во секој период од годината.
Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски