Тумбе Кафе е распослано на јужната страна од градот. Мал рид, тумбе, на надморска височина од 744 метри. Најдобрата локација за панорамски поглед на градот, урбано е уредена во времето на валијата Абдул Керим Паша, во периодот меѓу 1895-1901 година кога тој во Битола изградил повеќе стратешки објекти.
Тумбе Кафе од секогаш била посакувана територија,
посебно за одмор, кафе и собир на истакнати личности од градот и затоа јавните
власти низ историјата често го менувале името на ритчето. Во 1918 година за
време на Кралството СХС, тогашните власти го именуваат како „Александрово Брдо“
(според тогашниот крал Александар Караѓорѓевиќ), додека во поранешна СФРЈ,
Тумбе Кафе беше наречено „Титово Брдо“ (според тогашниот претседател на СФРЈ,
Јосип Броз Тито).
На Тумбе Кафе сеуште има остатоци од кафеана, но и остатоци
од поранешната армиска територија за што сведочат стражарски објекти, ровови и
подземни тунели. Повозрасните сеуште го паметат и големиот воен радар, чија
задача беше да ги следи прелетите на авиони и други движења во пограничната
зона.
Западната страна на Тумбе Кафе е посебно впечатлива затоа
што таму се наоѓа историската тврдина Џепане, некогашен магацин за муниција.
Џепането е изградено од познатите смилевски мајстори во 1876 година и е во
облик на крст.
Тајните на Тумбе Кафе ги чуваат и американските млазни авиони-ловци, приземјени на
висорамнина. Двата авиони F-86 Sabre, се
од американско потекло, произведени се меѓу 1947-1949 година. Карактеристично
за млазните авиони ловци на Тумбе Кафе е што имаат едно седиште и еден мотор.
Сите локации на Тумбе Кафе од
неодамна се лесно достапни благодарение на изградената рекреативна патека до
Смолево која сега ги поврзува историските места, но и посетителите од сите
генерации на овој дел од градот.
Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски