Кон крајот на септември, Центарот за локални иницијативи ја промовираше завршената анализа и извештајот од истражувањето на проектот "Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии". Проектот, кој беше финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија, е насочен кон подигнување на свеста за социјалното претприемништво и неговата улога во креативните индустрии, особено меѓу младите.
На промоцијата, која се одржа пред релевантните стејкхолдери, беа претставени клучните наоди од истражувањето кое ги опфати ставовите и знаењата на средношколците во Битола за социјалното претприемништво и креативните индустрии.
Главните заклучоци од истражувањето покажуваат дека младите луѓе имаат основно познавање за социјалното претприемништво и се заинтересирани за развој на креативни проекти кои имаат социјален импакт. Ова истражување исто така укажа на потребата за поголема поддршка во образовниот систем за развој на креативните индустрии и за поттикнување на младите да размислуваат претприемачки и иновативно.
„Ова истражување претставува важен чекор кон разбирање на потребите и потенцијалите на младите во Северна Македонија, особено во рамките на креативните индустрии. Преку него добивме значајни увиди кои ќе ни помогнат да создадеме програми кои ќе ги поддржат младите во развивањето на нивните претприемнички и креативни вештини,“ изјавија од Центарот за локални иницијативи.
Извештајот и препораките од ова истражување ќе бидат искористени за понатамошни проекти и иницијативи насочени кон поддршка на младите социјални претприемачи, како и за креирање на политики кои ќе ја зголемат важноста на креативните индустрии во образованието и економијата на земјата.