На 30 ноември 1948 година со Закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија, дел од планината Баба што се наоѓа меѓу долините на Пелагонија и Преспа, прогласен е за Национален парк.
Овој македонски
репрезент е именуван според највисокиот врв во паркот, Пелистер со 2.601 метри
надморска височина, стар 465 милиони години.
Националниот
парк „Пелистер“ географски се простира меѓу 41°4'15.96"
и 40°52'27.85" северна
географска ширина и 21°3'15.29" и 21°16'9.41" источна географска должина. Во паркот освен врвот
Пелистер, поистакнати се врвовите Димев Врв со 2.600 метри именуван во чест на
првиот Македонец кој го освои Монт Евресе, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато,
потоа врвот Стив со 2.468 метри, Ветерница со 2.420 метри, Муза со 2.351 метар
и други.
Релјефот
во опфатот на НП „Пелистер“ е создаван од средината на миоцен до денес, период
во кој диференцираните тектонски движења биле доста активни и притоа од крајот
на миоцен и почетокот на плиоцен се формирало некогашното Пелагонско Езеро, а
подоцна и Преспанско Езеро. Старите езерски тераси не се доволно зачувани, а
Пелагонско Езеро исчезнало, но и ден денес постојат планински реки кои се со
надолжни падови што резултира со појава на брзаци, водопади и помали слапови.
Постојат
две легенди поврзани со името Пелистер. Во одредени тврдења се посочува дека
името Пелистер потекнува од грчкиот збор „peristeri“ што во превод значи гулаб. Ако белосивиот камењар на
планината Баба се гледа од далечина, тој навистина наликува на гулаб. Според
друга легенда, името Пелистер се поврзува со пет-игличестиот бор, а зборот
петлистер е изведен од пет иглички и пет листа, па од таму низ зборот петлистер
се доаѓа до името Пелистер. Петиглестиот бор, односно Молика прв го открил
германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах (1814-1879) за време на
неговиот престој од 29 јуни до 21 јули 1839 година во нашата земја. Неговото
откритие на пелистерскиот бор – молика, објавено на 2 јули 1839 година е
суштинско за добивањето на статусот Национален Парк низ кој може да се
забележат стебла постари од 230 години.
На
планината Баба има голем број археолошки локалитети кои претставуваат вистинско
богатство и важна дестинација за културниот туризам. За жал, јавноста недоволно
е запозната со археолошките локалитети „Стари Лозја“ и „Магарешко Мовче“ во
село Братиндол од Римско време, „Суви Ливади“ кај село Ѓавато од доцна антика, или
тврдината „Кале“ кај селото Трново од Железно време и доцна антика.
Подготвил:
проф. д-р Марјан Танушевски