Во Битола започна летна школа за креативни иновативни занаети за млади

Во духот на реафирмација на старите занаети и нивно промовирање како креативни индустрии за млади луѓе, во Битола започна Летна школа посветена на изучување на три стари занаети. Школата се одржува на три локации: модно студио Ле Бранд, атеље Израз и атеље Креација.

Во рамките на школата се реализираат паралелни работилници во кои реномирани ментори-занаетчии низ практична работа ќе ги воведат учесниците во техниките на изработка на везови, филигран и накит со користење на мотиви од фолклорот и културата при тоа вклучувајќи ја креативноста на младите учесници и нивниот уметнички израз.

Целта на школата е доближување на старите занаети до младите луѓе со приказ како можност за креативно изразување и иден бизнис.

Организатор на летната школа е Центарот за локални иницијативи – Битола во рамките на проектот “Афирмација на културата и традицијата преку Креативни Иновативни Занаети за Млади“, финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија.