Градскиот часовник во Битола

За тоа како е граден Градскиот часовник во Битола, сигурно сте слушнале или прочитале. Да потсетиме, Градскиот часовник е висок 33 метри и е ѕидан од кршен камен пред околу 350 години, а во малтерот биле употребени околу 60.000 јајца собрани од битолските села.



Но дали знаете дека  првиот бројчаник на часовникот бил бел со црни броеви и стрелки, но подоцна е извршена промена на арапските со римски броеви. До  1912 година времето на Градскиот часовник во Битола се мерело според „А, ла турка“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓање на сонцето. Римските броеви се поставени во 1927 година, и верувале или не, бројот четири е обележан со четири вертикални црти IIII, наместо со правилниот римски број IV, како што е со останатите римски броеви на часовникот. Тоа го прави дополнително магичен!

Градскиот часовник може да се анализира од секоја негова страна. Од северната страна, непосредно до влезот на вратата вградена е мермерна надгробна ара на која според направената ревизија и датирање на натписот извршени од д-р Наде Проева, станува збор за надгробен епитаф подигнат за синот Никомах во II-III век, од родителите, чии имиња исто така биле напишани, но се оштетени. Натписот е значаен како единствен во како што се наведува Горна Македонија, во кој што за покојникот се вели дека е сличен на Бога.



Мермерната ара и рељефниот симбол на еден камен на југо-источниот раб на кулата се недоволно познати за меѓународната јавност. За сликата на рељефниот камен што се наоѓа на тринаесеттиот ред од второто ниво на кулата, има две легенди. Првата, дека станува збор за гулаб со маслиново гранче и змија, од која произлегува пораката дека луѓето треба да бидат мудри како змии, и незлобни како гулаби. Втората легенда поврзана со тогашните градители е дека врз каменот поставиле борба меѓу орел и змија. Орелот како „крал на небото“, симбол на сила и бесмртност, а во раното христијанство посочуван и како симбол на надеж поврзуван со Исус Христос, а змијата како симбол на уништување, но и на исцелување и преродба. И двете легенди предизвикуваат интерес кај посетителите.


Градскиот часовник или Саат кулата во Битола е прогласена за културно наследство од особено значење. Саатниот механизам го одржува Општина Битола.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски