Градскиот часовник во Битола

За тоа како е граден Градскиот часовник во Битола, сигурно сте слушнале или прочитале. Да потсетиме, Градскиот часовник е висок 33 метри и е ѕидан од кршен камен пред околу 350 години, а во малтерот биле употребени околу 60.000 јајца собрани од битолските села.



Но дали знаете дека  првиот бројчаник на часовникот бил бел со црни броеви и стрелки, но подоцна е извршена промена на арапските со римски броеви. До  1912 година времето на Градскиот часовник во Битола се мерело според „А, ла турка“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓање на сонцето. Римските броеви се поставени во 1927 година, и верувале или не, бројот четири е обележан со четири вертикални црти IIII, наместо со правилниот римски број IV, како што е со останатите римски броеви на часовникот. Тоа го прави дополнително магичен!

Градскиот часовник може да се анализира од секоја негова страна. Од северната страна, непосредно до влезот на вратата вградена е мермерна надгробна ара на која според направената ревизија и датирање на натписот извршени од д-р Наде Проева, станува збор за надгробен епитаф подигнат за синот Никомах во II-III век, од родителите, чии имиња исто така биле напишани, но се оштетени. Натписот е значаен како единствен во како што се наведува Горна Македонија, во кој што за покојникот се вели дека е сличен на Бога.



Мермерната ара и рељефниот симбол на еден камен на југо-источниот раб на кулата се недоволно познати за меѓународната јавност. За сликата на рељефниот камен што се наоѓа на тринаесеттиот ред од второто ниво на кулата, има две легенди. Првата, дека станува збор за гулаб со маслиново гранче и змија, од која произлегува пораката дека луѓето треба да бидат мудри како змии, и незлобни како гулаби. Втората легенда поврзана со тогашните градители е дека врз каменот поставиле борба меѓу орел и змија. Орелот како „крал на небото“, симбол на сила и бесмртност, а во раното христијанство посочуван и како симбол на надеж поврзуван со Исус Христос, а змијата како симбол на уништување, но и на исцелување и преродба. И двете легенди предизвикуваат интерес кај посетителите.


Градскиот часовник или Саат кулата во Битола е прогласена за културно наследство од особено значење. Саатниот механизам го одржува Општина Битола.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Врвот Пелистер - стар 465 милиони години

На 30 ноември 1948 година со Закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија, дел од планината Баба што се наоѓа меѓу долините на Пелагонија и Преспа, прогласен е за Национален парк.


Овој македонски репрезент е именуван според највисокиот врв во паркот, Пелистер со 2.601 метри надморска височина, стар 465 милиони години.

Националниот парк „Пелистер“ географски се простира меѓу 41°4'15.96" и 40°52'27.85" северна географска ширина и 21°3'15.29" и 21°16'9.41" источна географска должина. Во паркот освен врвот Пелистер, поистакнати се врвовите Димев Врв со 2.600 метри именуван во чест на првиот Македонец кој го освои Монт Евресе, битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, потоа врвот Стив со 2.468 метри, Ветерница со 2.420 метри, Муза со 2.351 метар и други.

Релјефот во опфатот на НП „Пелистер“ е создаван од средината на миоцен до денес, период во кој диференцираните тектонски движења биле доста активни и притоа од крајот на миоцен и почетокот на плиоцен се формирало некогашното Пелагонско Езеро, а подоцна и Преспанско Езеро. Старите езерски тераси не се доволно зачувани, а Пелагонско Езеро исчезнало, но и ден денес постојат планински реки кои се со надолжни падови што резултира со појава на брзаци, водопади и помали слапови.



Постојат две легенди поврзани со името Пелистер. Во одредени тврдења се посочува дека името Пелистер потекнува од грчкиот збор „peristeri“ што во превод значи гулаб. Ако белосивиот камењар на планината Баба се гледа од далечина, тој навистина наликува на гулаб. Според друга легенда, името Пелистер се поврзува со пет-игличестиот бор, а зборот петлистер е изведен од пет иглички и пет листа, па од таму низ зборот петлистер се доаѓа до името Пелистер. Петиглестиот бор, односно Молика прв го открил германскиот ботаничар и фитогеограф Аугуст Гризебах (1814-1879) за време на неговиот престој од 29 јуни до 21 јули 1839 година во нашата земја. Неговото откритие на пелистерскиот бор – молика, објавено на 2 јули 1839 година е суштинско за добивањето на статусот Национален Парк низ кој може да се забележат стебла постари од 230 години.

На планината Баба има голем број археолошки локалитети кои претставуваат вистинско богатство и важна дестинација за културниот туризам. За жал, јавноста недоволно е запозната со археолошките локалитети „Стари Лозја“ и „Магарешко Мовче“ во село Братиндол од Римско време, „Суви Ливади“ кај село Ѓавато од доцна антика, или тврдината „Кале“ кај селото Трново од Железно време и доцна антика.




Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Градскиот парк во Битола – од мочуриште до современ парк

Малкумина знаат дека избраната површина на Градскиот парк во Битола за прв пат е обликувана на почетокот од 19 век, во 1901 година, во времето на валијата Абдул Керим-паша кога со негова наредба е изграден градскиот парк. Местото на сегашниот парк некогаш било мочуриште, неугледен дел на влезот во градот, а исклучително фрекфентен затоа што како тогаш, и сега, во непосредна близина е Железничката станица, а сега и Автобуската станица.




Со наредба на Абдул Керим-паша, паркот бил именуван како Нузхетије или Единство, и тука отседнувале или се собирале офицерите на турската армија. Градскиот парк во 19 век имал правилен, урбан лик, чист и уреден, со клупи, фонтана и фенери, а често се користел и за прослави. Токму во Градскиот парк во Битола била прославена одлуката за новиот Устав донесен за време на Младотурската револуција. Веднаш потоа паркот бил преименуван во „Парк на слободата“.

Во Градскиот парк за време на Првата и особено за време на Втората светска војна при бомбардирањето на Битола „завршија“ или паднале бројни гранати, затоа што токму тука се наоѓале најважните стратегиски објекти, односно Црвената и Белата Касарна, а до не така одамна, беше и касарната на последните армиски единици чии остатоци се видливи и ден денес.

На северната страна од паркот е познатата „Соколана“, изградена во 1932 година, според некои податоци, првиот спортски објект во Битола. Карактеристично за овој објект е што тука најзастапени биле гимнастичките спортови, но не заостанувале и боксерски натпреаври. Во „Соколаната“ во минатиот век снимени се и делови од македонскиот сериски филм „Наши години“.




Градскиот парк со своите бујни крошни, борови, багремови дрвја и липи успешно го прочистил минатото, и е локација за секоја генерација, која успешно го користи изборот на содржините. Очекувано, најголемата посетеност е во Детскиот парк, каде најмладите битолчани уживаат на креативните детски реквизити, тобогани, лулашки, играчки за вештини..

Во Градскиот парк е оформена Алеја на добитниците на наградата за животно дело „4-ти Ноември“ која Општина Битола ја доделува на истакнати битолчани, а традиционално и со почит се одржува и Алејата на борците од народноослободителната војна и револуцијата.





Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

ТАЈНИТЕ НА ТУМБЕ КАФЕ...

Тумбе Кафе е распослано на јужната страна од градот. Мал рид, тумбе, на надморска височина од 744 метри. Најдобрата локација за панорамски поглед на градот, урбано е уредена во времето на валијата Абдул Керим Паша, во периодот меѓу 1895-1901 година кога тој во Битола изградил повеќе стратешки објекти.




Тумбе Кафе од секогаш била посакувана територија, посебно за одмор, кафе и собир на истакнати личности од градот и затоа јавните власти низ историјата често го менувале името на ритчето. Во 1918 година за време на Кралството СХС, тогашните власти го именуваат како „Александрово Брдо“ (според тогашниот крал Александар Караѓорѓевиќ), додека во поранешна СФРЈ, Тумбе Кафе беше наречено „Титово Брдо“ (според тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито).

На Тумбе Кафе сеуште има остатоци од кафеана, но и остатоци од поранешната армиска територија за што сведочат стражарски објекти, ровови и подземни тунели. Повозрасните сеуште го паметат и големиот воен радар, чија задача беше да ги следи прелетите на авиони и други движења во пограничната зона.




Западната страна на Тумбе Кафе е посебно впечатлива затоа што таму се наоѓа историската тврдина Џепане, некогашен магацин за муниција. Џепането е изградено од познатите смилевски мајстори во 1876 година и е во облик на крст.

Тајните на Тумбе Кафе ги чуваат и американските млазни авиони-ловци, приземјени на висорамнина. Двата авиони F-86 Sabre, се од американско потекло, произведени се меѓу 1947-1949 година. Карактеристично за млазните авиони ловци на Тумбе Кафе е што имаат едно седиште и еден мотор.



Сите локации на Тумбе Кафе од неодамна се лесно достапни благодарение на изградената рекреативна патека до Смолево која сега ги поврзува историските места, но и посетителите од сите генерации на овој дел од градот.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Керамички светилки од IV век п.н.е во Хераклеја Линкестис

Откривањето на вечните тајни на Хераклеја Линкестис е невозможна мисија, но за сегменти од животот на градот, до градот Битола, секогаш има поводи за промоција на историското наследство. Таков е случајот со керамичките светилки или ламби од Хераклеја.

Најстарата зачувана керамичка светилка датира од IV-III в.п.н.е и е со стандардни димензии, односно должина 10,5 см. и висина 3,5 см. Примероците од керамички светилки освен што го потврдуваат потеклото, времето и нивната застапеност, воедно го потврдуваат и мислењето дека во Хераклеја постоеле работилници за производство на керамика и керамички светилки. Хераклеја била центар за керамичко производство, а пронајдените калапи за изработка на светилки, со сочуван дел од натпис пронајден во просторот на Големата базилика, се аргумент повеќе за тоа мислење.



Во т.н. Сектор Југ на Хераклеја е пронајдена и зачувана ламба од III-II в.п.н.е чија должина е 10,8 см., широчина 9 см., висина 5,8 см. Светилката има рачки од страните. Устинката е откршена. Отворот за масло е кружен со едно кружно истакнато ребро околу него. Локалното население за осветлување користело и восок, но и лој забележале битолските археолози Аница Ѓорѓиевска и Енгин Насух. Според нив, во римскиот период во Хераклеја доминираат бројни керамички светилки, монети, керамички садови за кои се смета дека се од локални работилници, а и парчиња од увоз. Префинетоста на хераклејскиот граѓанин се гледа и по бројноста на фините стаклени садови со кои локалитетот изобилувал.

Хронолошки анализирано, светилките од Хераклеја од II-I век п.н.е, се од типовите на т.н. „ефески“ и „книдски“ лампи, а се забележуваат и многубројни локални имитации на овие или други типови светилки, но исклучиво од регионот на Егеја, поточно од Источен Медитеран. Ваквиот репертоар светилки останува претежно, до времето на Август, а веќе во I век од новата ера со појавата на италските типови, се јавува и импорт, увоз и имитација на тие типови. Подоцна, кај светилките, како и останатата керамика од I век во н.е. се јавуваат примероци увезени од Италија или работени како имитација на италијанските производи од страна на локални работилници.




Во V и VI век од н.е. во Хераклеја се чувствува силен пробив на африканските светилки (александриски, киренаички и други), како и малоазиски или рановизантиски светилки од V в.н.е. Најголем број од пронајдените и зачувани керамички светилки од Хераклеја се од локацијата кај Епископската резиденција која се наоѓа западно од Големата базилика, од север омеѓена со северната улица, а од југ со градскиот бедем. Откриениот дел содржи 15 одаи распоредени околу средишен двор. Дворот кој во средината има бунар, претставува централна просторија. На истата локација, јужно од епискоската резиденција и од истиот период IV-V век, пронајдена и зачувана е светилка со димензии должина 13,3 см., висина 5,8 см. Светилката во средината на дискот има орнамент во форма на крст изведен пластичночии краци.



Керамичките светилки од Хераклеја во музејската збирка на НУ Завод и Музеј-Битола се само една од занимливостите, атракциите и предизвиците со кои се соочуваат научници, истражувачи, туристи и други посетители во секој период од годината.


Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски

Започна да се реализира проектот „Сторија за битолска историја – нешто ново, за нешто старо!“

Започна да се реализира проектот „Сторија за битолска историја – нешто ново, за нешто старо!“ финансиран од општина Битола. 

Станува збор за проект во кој на младите од Битола ќе им бидат ставени на располагање информации за историјата на градот со цел да се постигне реафирмирање на култни места во Битола. Проектот има за цел да допре длабоко во минатото и да овозможи поглед во иднината, да иницира нови иницијативи и инвестиции за туристичка (економски развој), образовна и културна промоција на градот. 



Проектот е во функција на младите и да им овозможи пополнување на едукативна празнина која не се овозможува преку редовниот образовен процес. Преку споделување на откриени податоци за знаменитости на градот, трајни паметници за една култура, корени и факти кои не треба да се потиснат од товарот на нашето секојдневие во рамките на проектот ќе се опфатат следните локации: Градски парк, Тумбе кафе, Хераклеја, Пелистер, Градски часовник.