Хуманоста на дело: Студентите на ФИКТ повторно во акција

Членовите на претседателството на Студентскиот сојуз на ФИКТ – Битола повторно покажаа дека младите се двигатели на позитивните промени во заедницата!


Во рамки на волонтерска акција организирана од граѓанската организација - Центар за локални иницијативи – Битола, студентите заедно со вработените од Домот за стари лица „Сју Рајдер“ – Битола и штитеничката г-ѓа Крста – најголемиот љубител на цвеќето, засадија нови садници дрвја и цвеќе, внесувајќи повеќе боја, живот и топлина во дворот на домот - местото каде што штитениците во текот на летните месеци го поминуваат најголемиот дел од денот во дружење, разговори и моменти исполнети со топлина и пријателство.

Покрај разубавувањето на просторот, младите волонтери учествуваа и во донирањето на мали апарати кои ќе дадат голем придонес во работата на службите задолжени за здравствената грижа на штитениците.

Студентите од претседателството на Студентскиот сојуз на ФИКТ континуирано се истакнуваат со својата активност, иницијативност и вклученост во голем број општествено корисни активности. Нивната посветеност, хуманост и подготвеност да придонесат за заедницата се вистински пример за младински активизам и општествена одговорност. Токму ваквите активности зборуваат за квалитетот, вредностите и воспитно-образовната мисија што ФИКТ ја гради кај своите студенти – создавајќи млади луѓе кои покрај академското знаење, поседуваат и силно чувство за солидарност, емпатија и лидерство.

Оваа инспиративна активност е дел од проектот „Младите волонтери во акција за поддршка на Домот за стари лица“, финансиран од Општина Битола, со цел поттикнување и развој на волонтерството и младинскиот активизам.