Малкумина знаат дека избраната површина на Градскиот парк во Битола за прв пат е обликувана на почетокот од 19 век, во 1901 година, во времето на валијата Абдул Керим-паша кога со негова наредба е изграден градскиот парк. Местото на сегашниот парк некогаш било мочуриште, неугледен дел на влезот во градот, а исклучително фрекфентен затоа што како тогаш, и сега, во непосредна близина е Железничката станица, а сега и Автобуската станица.
Со наредба на Абдул Керим-паша,
паркот бил именуван како Нузхетије или Единство, и тука отседнувале или се
собирале офицерите на турската армија. Градскиот парк во 19 век имал правилен, урбан
лик, чист и уреден, со клупи, фонтана и фенери, а често се користел и за
прослави. Токму во Градскиот парк во Битола била прославена одлуката за новиот
Устав донесен за време на Младотурската револуција. Веднаш потоа паркот бил
преименуван во „Парк на слободата“.
Во Градскиот парк за време на
Првата и особено за време на Втората светска војна при бомбардирањето на Битола
„завршија“ или паднале бројни гранати, затоа што токму тука се наоѓале
најважните стратегиски објекти, односно Црвената и Белата Касарна, а до не така
одамна, беше и касарната на последните армиски единици чии остатоци се видливи
и ден денес.
На северната страна од паркот е
познатата „Соколана“, изградена во 1932 година, според некои податоци, првиот
спортски објект во Битола. Карактеристично за овој објект е што тука најзастапени
биле гимнастичките спортови, но не заостанувале и боксерски натпреаври. Во
„Соколаната“ во минатиот век снимени се и делови од македонскиот сериски филм
„Наши години“.
Градскиот парк со своите бујни
крошни, борови, багремови дрвја и липи успешно го прочистил минатото, и е
локација за секоја генерација, која успешно го користи изборот на содржините.
Очекувано, најголемата посетеност е во Детскиот парк, каде најмладите битолчани
уживаат на креативните детски реквизити, тобогани, лулашки, играчки за вештини..
Во Градскиот парк е оформена Алеја на добитниците на наградата за животно дело „4-ти Ноември“ која Општина Битола ја доделува на истакнати битолчани, а традиционално и со почит се одржува и Алејата на борците од народноослободителната војна и револуцијата.
Подготвил: проф. д-р Марјан Танушевски